Бесплатен софтвер

Aquarius Band

“Aquarius” се оформени во 2004-та година од страна на Иван Раденов (вокал и бас гитара), Илија Кико Раденов ( вокал и тапани) и Ристо Калиников (гитарист). Овие момчиња се родени во Февруари и тоа на ист датум (5-ти Февруари). Подоцна на бендот се приклучува и Бранко Сапламаев (клавијатури) кој е роден на 25-ти Јануари. Поради оваа занимливата случајност, одлуката за името на бендот се сведе на нивниот хороскопски знак “Водолија” или “Aquarius”. Бендот има настапувано низ цела Македонија, исполнувајќи локални настапи речиси секој ден. Иван Раденов веќе станува популарен во Македонија со учество на аудиција за млади таленти каде успева да се пласира во најдобрите 5. Со тек на време бендот станува се поуспешен со што следува и повик за гостување во “Сител” телевизија во шоуто “Опуштено”, чиј автор и водител е актерот Тони Михајловски. Целата соработка е поврзана со Тони, и нивниот настап во шоуто траеше 1 сезона. После 6 години активно настапување на Македонската сцена, бендот станува познат низ цела Македонија. Снимени се и неколку сопствени песни, но претежно бендот се занимава со преработка на постоечки. Во 2011-та година, Иван Раденов е прогласен за првиот Македонски Идол. По завршувањето на емисијата активноста на бендот и настапите се зголемени. За жал се случи нешто што никој не го очекуваше. Ристо Калиников, водечкиот гитарист на бендот се разболе од тешка болест. Бендот наоѓа замена чекајки Ристо да се опорави од болеста и да му се врати на бендот. На жалост тоа никогаш не се случи. Ристо почина на 9-ти Октомври 2012, после 10 месеци борба со болеста. Бендот остана без најдобриот пријател, и според нив – најдобриот гитарист кој некогаш го запознале. Заедно бендот има настапувано преку 800 пати низ цела Македонија и со животот на Ристо згасна и бендот “Аквариус”.