Бесплатен софтвер

Засекогаш со Нас

Ристо Калиников (1990 - 2012)

...Замина во вечноста едно прекрасно дете, ученик дипломиран студент; едно 
највесело, кротко, насмеано... Замина тивко, полн со верба и надеж до последен здив.
    Но,
   “Колку е тажно кога надежта е странец
    без иднина на повидок,
   колку е тажно кога животот
    е во опасност;
    Не ми вели дека тоа е во ред,
     Бидејки не верувам во тоа !
       Многу пати не верувам во тоа што го гледам,
     Ми ја смрзнува крвта !
    Само Бог знае каде свртуваме !
      Иднината е наша ако ја земеме,
      Или – бакни го светот за збогување !”
	Овие се стихови од песната што на крајот постојано ја слушеше, дури и во 
болничкиот кревет. Веројатно се наоѓаше себе си во стиховите, во зборовите што кријат 
надеж, желби, но и опасност за иднината ! И самиот прашуваше: “Што се случува ?!?”
          И, сега веќе нема прашања, замреа одговорите.
          Ќе остане да живее споменот за него. Тој со љубовта, добрината, со дарежливоста, 
со радоста, со насмевката, со спокојството, со креативните мисли, со благородните чуства – 
ќе го осветлува патот на сите што го сакаат, на сите што го познаваат и не го познаваат – 
ќе ги води кон добрината и љубовта како ѕвездата Аурин.
          Ицко, живееш во нашите мисли, во најубавите сеќавања !
          ... А каков прекрасен зимски ден беше 5-ти февруари 1990 година кога дојде на овој 
свет во малото распеано гратче Гевгелија !
         Родителите Љуба и Ѓорге, сестричката Катерина, баба Љубица, дедо Кочо – неизмерно среќни !
         Убавец: две небесно сини очо го видоа светот.
         Растеше весело, среќно, задоволно, опкружен со љубов и грижа, нежност и 
разбирање за се што ќе посакаше.
          Уште мал, низ игра ги негуваше работните способности. Правеше експерименти од 
областа на техниката. Ти се восхитувавме на направените турбини; расклопуваше и 
повторно склопуваше разни апарати. Со задоволство и љубов им помагаше на родителите 
во домашните работи. Секоја обврска, секоја дадена задача Ти причинуваше задоволство. 
Секогаш и секаде: и дома, и во училиште и со другарите, секогаш беше подготвен да 
помогне, да донира преку својот мобилен; да каже убав збор, да подари прегратка 
попратена со широка, нежна насмевка.
         Никогаш не се наметнуваше, не сакаше да се истакнува, али секогаш скромно 
настапуваше, а талентот, делата и начинот на кој тоа го постигнуваше, го правеа да биде 
омилен и почитуван од сите. Секој пожелуваше да биде во друштво со него. Тој ширеше 
позитивна енергија и им ја пренесуваше на сите околу него.
         На училиште беше одличен ученик, дугар, пријател. Љубител на спортот, надарен за 
музика, кошарка , карате, и се редат успесите:
	- На 25 мај 2002 година освојува I место на “ Европско кадетско карате куп";
	- Во 2002/2003 година освојува I место со “Пионерската лига” во кошарка.
         Во истата 2002 година веќе посетува часови по гитара. Неговиот талент за пеење и 
музицирање е зачудувачки, восхитувачки.
         Како полуматурант, во 2004 година, заедно со своите другари ја формираат групата 
“Аквариус”. Следуваат многу вежби, многу музика и песни, многу настани. Гитарите му 
станаа најверни другари, ги сакаше и чуваше како најблиските, како живи суштества. Тој 
знаеше искрено да се радува на се.
         За Ицко не беше тешко и да се учи-студира и да се музицира.
         Во 2008 година матурира во гимназијата “Јосиф Јосифовски” во Гевгелија. Се 
запишува на факултет во “Американ колеџ” во Скопје на економија – насока финансии. 
Студиите ги завршува со успех на англиски јазик во 2011 година.
         Одличен ученик, успешен студент, надежен бизнисмен, прекрасен син, брат, внук, 
каков што може да се пожела да го има секоја фамилија. Дружељубив, дарежлив, 
доследен, благороден, достоинствен...
        Најубави планови го исполнуваат неговото срце, неговите мисли, неговото битие – 
прво да започне извесно време бизнис, а потоа да продолжи да се надоградува – 
магистратура...
        “Се допреа вечноста и светлината
          И ја создадоа љубовта – те создадоа Тебе !”
        Но што се случува?? Зошто? Како?
         “Колку е тажно кога надежта станува странец,
           без иднина на повидок...
           Погледнувам се околу мене,
           Боже, дали нешто не е во ред?”
Да, не е во ред да се прекине полетот, да згасне животот на 22 години.
         О, каква болка, тага, безнадежност..... Зошто замреа креативните мисли? Тие, кои беа 
храна за него. Тие креативни мисли му ја развиваа љубопитноста, му го хранеа духот, му 
ги насочуваа мислите и му ја одржуваа постојаната активност на мозокот, и со нив 
влегуваше во светот на креативната фантазија.
          Долга, мачна борба. Пресуши изворот на животот и радоста, 9 октомври Ицко 
заминува во вечноста... Настапува мрак, празнина, празнина...
         Но секогаш има едно НО : 
         “Некој или нешто умира конечно тогаш, кога ќе се изгуби живиот спомен за него”
(така вели големиот Блаже Конески во својот последен лирско-прозен запис “Даб”.)
         Секако, не може да се изгуби живиот спомен за тебе, Ицко.
         Останаа сите твои доблести да го осветлуваат патоказот на сите генерации што 
доаѓаат. Најсилно ќе свети твојата насмевка како твој симбол на се убаво во животот. Таа 
беше својствена за тебе. Единствено Ти ја подаруваше неизмерно насмевката на сите и со 
неа тажните ги развеселуваше, уморните ги одморуваше, на болните им беше како топли 
сончеви зраци.
          Волшебна моќ имаше насмевката на Ицко. Со насмевката Ицко внесуваше среќа 
преку куќниот праг и влегуваше во домот свој со радост, задоволство и убавина.
          Покрај сите други најблагородни чуства и убавина што ги даруваше, најсилно ќе 
остане да свети неговата насмевка. Насмевката за него беше лозинка на пријателството, 
музика на неговата душа.
          Насмевката е кратка како блесокот на молњата, но засекогаш останува во 
сеќавањата. 
          И твојот живот Ицко беше краток како молњата, но засекогаш ќе останеш во 
сеќавањата.
          А ние за возврат:
         “На изгрејсонце и на зајдисонце,
          кога небото, земјата и сонцето се прегрнуваат,
          ние ќе те гушкаме тебе.
          А меѓу двете прегратки ќе ти правиме најубави бисери.”
          Бисеру наш, остануваш секогаш со нас !